М6 Едукативен Центар – Скопје беше домаќин на мастеркласот “Извоз што носи раст” организиран во соработка со ПроКредит Банка и со поддршка од ЕБОР.
Дали е вистинскиот момент македонските компании посериозно да размислуваат за извоз? И што е потребно за еден производ или услуга успешно да најде место нa странскиот пазар?
„Богатството на една земја не се создава кога парите кружат само внатре, туку кога некој надвор е подготвен да плати за она што ние го создаваме“, истакна Елена Младеновска Јеленовиќ, Извршна директорка на М6 Едукативен центар. Воедно ги претстави и следните активности во рамки на програмата. Во периодот од 10 до 15 јуни ќе се реализираат пет вебинари посветени на различни индустрии, по што ќе следуваат две нивоа на обуки. Основната обука, наменета за компании кои допрва размислуваат за извоз, ќе се одржи на 22 и 23 јуни, додека напредната обука за компании кои веќе извезуваат ќе се реализира на 24 и 25 јуни. Од септември, сите содржини ќе бидат достапни и како e-learning материјали преку платформите на М6 Едукативен центар и ПроКредит Банка.
Маја Столевска Костадиновска, Менаџер на национална програма за бизнис советување во ЕБОР, потсети дека за малите и средни претпријатија извозот носи предизвици – од стратешка определба и познавање на странските пазари, до оперативни капацитети и справување со ризици. Токму затоа, компаниите често имаат потреба од дополнителни знаења и поддршка за да го направат следниот чекор.
Зошто токму сега да се зборува за извозот?
Ана Николова, Директор на оддел за бизнис во ПроКредит Банка, истакна дека иако геополитичките случувања и промените во глобалната економија носат неизвесност, тие отвораат и нови можности. Европските пазари сè повеќе бараат добавувачи кои се поблиску, можат брзо да испорачаат и се доволно флексибилни да одговорат на новите потреби. Таа посочи и дека во Македонија околу 6.700 компании извезуваат, но повеќе од 70% од вкупниот извоз доаѓа од само 100 компании. Останатите имаат потенцијал, но им се потребни знаења, стандарди, организација и поддршка за да растат.
За успех на меѓународните пазари не е доволен само добар производ, порача Светозар Јаневски, Генерален директор на М6 Групација. Настапот на светскиот пазар значи натпревар со светски конкуренти, а тоа бара квалитет, конкурентна цена и многу работа. Но неговата порака беше едноставна: „Не се плашете.“ Вербата во сопствениот производ и подготвеноста да се преземе чекор напред се подеднакво важни како и самото знаење.
Во fireside разговорот, Дарко Човиќ, Меѓународен бизнис лидер и експерт за трансформација, се осврна на практичната страна на извозот. Според него, денес не е доволно само да се има добар производ. Потребни се храброст, добра приказна и јасен фокус. Наместо да се натпреваруваат со големите производители преку обем, малите компании треба да се фокусираат на ниш производи каде што можат да понудат квалитет
и знаење. Тој зборуваше и за важноста на логистиката, соработката и учењето од искуствата на компаниите од регионот кои веќе го поминале патот кон странските пазари.
Зоран Мартиновски, Интернационален експерт по финансии и советник во приватниот сектор, го постави прашањето „Дали можеме да си дозволиме да не извезуваме?“. За земја со големина на Македонија, повеќето компании мора да извезуваат за да можат да опстанат и да се развиваат. Тој зборуваше за структурата на македонскиот извоз, во кој доминираат автомобилските компоненти, металите, текстилот и ИТ услугите, но и за фактот дека голем дел од извозот доаѓа од странски инвестиции. Како успешни примери на македонски компании кои со години успешно настапуваат на странските пазари ги посочи Алкалоид, Тиквеш и Витаминка. Посебно внимание посвети и на ESG, нагласувајќи дека одржливоста станува сѐ поважен фактор за конкурентноста на компаниите, особено на странските пазари.
Мастеркласот претставува прв чекор од Програмата за извоз, која во наредниот период продолжува со серија вебинари, обуки и менторска поддршка. Иако секој од говорниците зборуваше од различна перспектива, сите се согласија околу едно, извозот бара подготовка, знаење и храброст, но за македонските компании претставува една од најголемите можности за раст.































