Подкастот “Чекор напред со М6” отсега достапен и на Gley

М6 Едукативен центар и првата национална стриминг-платформа „Глеј“ во стратешко партнерство за дигитална продукција и корпоративна едукација
Со оваа соработка, „Глеј“ официјално станува дел од семејството на М6 Едукативен центар, приклучувајќи се на заедница од над 30 водечки компании кои активно придонесуваат за развојот на корпоративната едукација, иновативноста и професионалниот раст во деловното опкружување во земјава. Партнерството ќе ја засили интеграцијата на дигиталната продукција со образовната содржина, проширувајќи ги границите на достапност и влијание на македонскиот јазик и културната автентичност.

„Чекор напред“, водечкиот поткаст на М6, ќе добие ексклузивен простор на платформата „Глеј“, каде ќе бидат поставени постоечките и новите содржини кои ќе се продуцираат. Ова е прв чекор во низа заеднички иницијативи кои ќе следуваат, а кои ќе вклучуваат тематски серијали, интерактивни поткасти, вебинари, истражувачки проекти и менторски сесии.
„Ова е значителен чекор напред во промоцијата на едукацијата на пошироката јавност. Со овса соработка се проширува екосистемот на М6 кој покрај компании вклучува и институции и универзитети кои имаат иста цел – одржлив развој на поединците, компаниите и државата. На овој начин со соработката со „Глеј“, ќе создадеме единствено онлајн место каде што најдобрите практики, иновативните решенија на најдобрите практики ќе ги споделиме со оние кои сакаат да одат Чекор напред во работата, во животот.“ изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на М6 Едукативен центар.
„Чест ни е што се приклучуваме на M6 Едукативниот центар и на групата компании од одборот на старатели чии успеси го надминуваат македонскиот пазар и конкурентно се позиционирани на регионалните и светските пазари. Заедно ќе го обликуваме идниот едукативен дигитален пејсаж во Македонија, обезбедувајќи висококвалитетна, домашно продуцирана содржина“, додаде Дарко Перушески, извршен директор и коосновач на СВОД – МАСТЕР АД.

Ова партнерство дополнително ја зацврстува позицијата на „Глеј“ како технолошки и медиумски предводник, особено по неговиот историски влез на Македонската берза преку иницијалната јавна понуда (IPO), потврдувајќи дека домашната продукција и едукација имаат иднина кога се обединети.