Отворени нови хоризонти за современите бизнис-лидери на конференцијата на М6 “Невронауката и иднината на лидерството”



На 18 јуни2025, во организација на М6 Едукативен центар, се одржа конференцијата „Decisions, Decisions: Neuroscience and the Future of Leadership“ која успеа да го обедини она што ретко се среќава – длабоко научно знаење и практична примена за бизнисот на иднината.
Овој настан е дел од платформата за позитивна социјална трансформација „Чекор Напред“ која М6 ја спроведува изминатите години, каде преку едукација и советување од експерти придонесува со предлог решенија на теми кои го засегаат развојот на индивидуите, организациите и општеството.
Настанот обедини над 100 експерти од областа на невролидерството, доктори, консултанти, вработени во компании и студенти преку спој на светот на невронауката, личниот и организацискиот развој со современото лидерство преку говори и презентации од меѓународни експерти, и претставници од водечки компании, кои заеднички ги истражуваа прашањата што денес се од круцијално значење за секој современ лидер: Како размислува човечкиот мозок? Како се носат одлуки под стрес и неизвесност? И, што значи да се водат луѓе со разбирање, а не само со авторитет?
Главен говорник на конференцијата беше д-р. Николаос Димитриадис – реномиран научник, универзитетски професор и директор на EY Applied Neuroscience Lab, кој важи за еден од пионерите во примената на невронауката во современото лидерство и маркетинг. Во своето инспиративно излагање, д-р Димитриадис ја постави основната парадигма дека мозокот, како најсложен орган на човечкото тело, претставува клучен инструмент во процесот на донесување одлуки. Според него, вистинското лидерство мора да се темели на длабоко разбирање на невролошките процеси што ја управуваат човековата мисла, емоција и реакција. Тој се осврна на најновите трендови и практични апликации на невронауката во бизнисот кои веќе се применуваат во бројни водечки компании со цел да се унапреди лидерството, човечките ресурси, благосостојба и безбедноста на работното место. Преку богата палета на научни сознанија и практични примери, тој ја потенцираше важноста од градење на нов, невроинформиран пристап кон лидерството – посмислен, поотпорен на стрес и несигурност и усогласен со психолошките и емоционалните потреби на луѓето.
Меѓу истакнатите говорници на конференцијата беше и Весна Кузмановиќ, основачка на македонската компанија IMPALA Research, која го претстави својот револуционерен пристап кон интерпретација на несвесните реакции на луѓето преку користење на DIY невромаркетинг платформа, прва од ваков вид во регионот која се базира на најсовремени eye-tracking технологии и биометриски алатки, овозможува прецизно мерење на визуелната перцепција, емоционалните реакции и физиолошките одговори на испитаниците.Ова овозможува продлабочено и научно засновано разбирање на човечкото однесување – увид што е клучен за квалитетно донесување одлуки во менаџментот, маркетингот и лидерството.
На конференцијата, проф. Ежени Брзовска, маркетинг професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го претстави истражувањето во кое го поврзува невронаучниот пристап со современите маркетинг стратегии. Ова истражување отвори значајна дискусија за тоа како невронауката и визуелните навики на потрошувачите треба да бидат интегрирани во иднината на малопродажбата, што ќе се темели на подлабоко разбирање на човечката перцепција.
Во рамките на практичниот дел, експертите за емоционална интелигенција, Наташа Ивановска и Биљана Велевска одржаа интерактивна сесија посветена на развој на емоционалната интелигенција кај лидерите, користејќи анализа на влијанието на социјалните сигнали врз продуктивноста и психолошката безбедност на тимовите.
Крајот на конференцијата беше посветен на практична примена, студии на случај од македонски компании што успешно ги интегрирале невронаучните алатки во своето секојдневно работење.
Винарската визба „Тиквеш“ сподели увид во начинот на кој користеле невромаркетинг методологии за редизајн на линијата „Alexandria Premium Cuvée“. Истражувањето, засновано на анализа на емоционални и визуелни реакции, придонело за избор на дизајн кој најмногу резонира со потрошувачите, овозможувајќи посилна поврзаност со брендот и повисока пазарна препознатливост.
„Телма ТВ“ прикажа како преку невро-анализа на потрошувачки реакции, ги идентификувале преференците на гледачите. Овие сознанија се искористени за оптимизација на програмската шема и медиумскиот простор, со што се постигнува ефективно медиумско позиционирање.
Конференцијата заврши со силна порака: иднината на лидерството и бизнисот лежи во подлабоко разбирање на човековиот ум. Во амбиент исполнет со знаење, искуства и визионерски идеи, учесниците ја напуштија конференциската сала со нова перспектива – дека најголемите ресурси на организациите не се машините, процесите или технологијата, туку луѓето и нивниот когнитивен и емоционален потенцијал.