

- ВОВЕД
М6 Едукативен центар по втор пат организира настан посветен на значењето на среќата и благосостојбата на работно место, продолжение на минатогодишната
иницијатива „Среќен тим, успешен бизнис: Моќта на здрава работна средина“ овојпат под насловот „Алхемија на среќата“. Настанот е дел од Интернационалната недела за среќа на работното место, глобално движење кое ја нагласува потребата од создавање здрави, продуктивни и поддржувачки средини за работа и живот. Целта е компаниите да препознаат дека грижата за благосостојбата и мотивацијата на вработените е директно поврзана со нивната успешност, а
вработените да добијат инспиративна средина во која ќе се чувствуваат ценети, охрабрени и спремни за нови предизвици. Времетраењето на настанот ќе биде пет дена, од 6 до 10 октомври 2025. Првиот ден е предвиден за конференција со истакнати домашни и меѓународни експерти, преку предавања, дискусии и вежби на локација Музеј на Современа Уметност. Останатите денови ќе понудат разновидни работилници и практични сесии со конкретни алатки и методологии со локација во просториите на М6 Едукативен центар. Оваа година, настанот ќе отвори поширока перспектива за среќата како фактор кој
влијае врз сите аспекти од животот. Преку конференцијата и работилниците ќе се обработат теми како: ментално здравје и справување со стресот, физичко здравје и енергија, јога, медитација и mindfulness практики, уметноста како извор на благосостојба и креативност, медицински и научни пристапи кон среќата, баланс меѓу технологијата и човековите потреби во дигиталната ера, како и други современи перспективи за благосостојба и развој.
Со „Алхемија на среќата“ се отвора поширока општествена дискусија за тоа зошто среќата и благосостојбата се клучни, не само за успехот на компаниите, туку и за квалитетот на живот на поединците и заедницата. М6 продолжува да ја поставува оваа тема во центарот на вниманието и да обезбедува знаење и практики што водат кон позитивни и одржливи промени.