Инвестиција во знаење, бизнис и иднина – отворен М6 Едукативен центар во Кавадарци
Со визија за современо учење, развој на вештини и регионално поврзување, М6 Едукативен центар официјално ги отвори новите простории во Кавадарци на 19 мај 2026 година, модерен и инспиративен простор создаден за учење, соработка и личен развој, како и поврзување на бизнисите од Вардарскиот и Пелагонискиот регион.
На свеченото отворање присуствуваа претставници од институциите, дипломатскиот кор, меѓународни организации, компании, образовни институции и партнери на центарот.
Просториите во Кавадарци се конципирани како регионален едукативен и развоен хаб, наменет за реализација на професионални обуки, лидерски програми, настани, вмрежување и иницијативи што ќе придонесат за развој на вештините, претприемачката култура и современите знаења потребни за иднината.
Настанот беше отворен со обраќање на Светозар Јаневски, основач на М6 Групацијата, кој ја истакна важноста на инвестициите во знаење, човечки капитал и современи образовни платформи како двигател на долгорочниот економски и општествен развој.
Извршната директорка на М6 Едукативен центар, Елена Младеновска Јеленковиќ, зборуваше за потребата од нови модели на учење и создавање современи центри кои ќе придонесат за развој на човечкиот потенцијал и подготовка за иднината.
„Денес живееме во време во кое светот не се менува постепено — туку брзо и длабоко. Се менува начинот на кој работиме, учиме, создаваме вредност и го разбираме успехот. Токму затоа ваквите места како што е М6 во Кавадарци стануваат важни — како инвестиција во луѓето, нивниот потенцијал и нивната иднина. Ова е место каде што знаењето, вештините и амбицијата се претвораат во идни можности“, истакна таа.
Свое обраќање имаше и заменик-амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Michal Harari, која ја нагласи важноста на партнерствата помеѓу приватниот сектор и образованието, како и инвестициите во човечкиот капитал.
„Нè радува што приватниот сектор сè повеќе е подготвен да инвестира во развојот на работната сила. Новиот М6 Едукативен центар во Кавадарци ги доближува овие можности до младите и компаниите од регионот“, истакна Harari.
На настанот се обрати и Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, кој потенцираше дека отворањето на центарот претставува значаен придонес за локалниот и регионалниот развој и создавање нови можности за младите.
По официјалниот дел следеше свечено пресекување на лентата, по што гостите имаа можност да ги посетат новите најсовремени простории, каде што особено внимание привлече опремата за обуки за зелени вештини и циркуларна економија, како и modern green corner концептот посветен на одржливоста и современите еко-практики.
Во пријатна и инспиративна атмосфера, гостите уживаа и во вината на Tikveš Winery — долгогодишна членка и партнер на М6 заедницата, која со својата поддршка дополнително придонесе кон одбележувањето на овој значаен момент.
Со отворањето на регионалниот центар во Кавадарци, М6 Едукативниот центар дополнително ја зацврстува својата улога како платформа за знаење, развој и соработка, насочена кон создавање современи образовни можности, развој на човечкиот капитал и поддршка на локалниот и националниот економски развој.
Центарот е отворен во рамките на иницијативата „Ангажирање на приватниот сектор“, како резултат на партнерството помеѓу М6 Едукативниот центар, 30 македонски компании и проектот „Образование за вработување (E4E)“, имплементиран од Helvetas North Macedonia, со поддршка од Embassy of Switzerland in North Macedonia.





























